Прејди на содржината

Пајонци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пајониja.

Пајонците — племенска организација која го населувала најголемиот дел од Република Македонија, како и делови од териториите на денешните држави Бугарија и Грција. Информации за Пајонците има во делата на Хомер, Херодот и Тукидид кои ги споменуваат пајонските племиња Сиропајони и Пајопли, Добери, Лајаи и Дерони.

Племенска организација

[уреди | уреди извор]

По 550 г. п.н.е. Пајонците станале особено значајна сила. Групирни во повеќе племиња, тие ја населувале областа која може да се лоцира од Грделичката клисура на север, до Пела и утоката на Вардар на југ, до реката Струма на исток и Пелагонија на запад, заедно со целиот тек на Вардар. Пајонците имале цврста племенска организација, што се потврдува и со појавата на пајонски племиња кои уште во втората половина на VI век и прва половина на V век п.н.е. ковале свои пари.

Цврстата племенска организација и зголемената моќ ќе овозможат Пајонците да преземат освојувачки походи. Таков бил нападот над жителите на Абдера, кој веројатно се одиграл пред Персиските освојувања и бил со грабежнички карактер, а за кој податици дава Пиндар во пеанот за Абдерите. Херодот раскажува дека Пајоните (од Струма), уште пред походот на Мегабаз против Тракија, некаде околу средината на VI век п.н.е., го нападнале градот Перинт на Пропонтида нанесувајќи му голем пораз. Според некои научници за да водат војни со Перинт, Пајоните во тоа време требале да го држат тракиското крајбрежје .

Во текот на VI век п.н.е. Персиското царство се јавува како нова воено-политичка сила на Балканот. По освојувањето на малоазиските грчки градови, следен чекор на Персија ќе биде освојувањето на матична Грција. Персијците биле одлични стратези и вниметелно се подготвувале за секој воен поход. Поради фактот дека европските Грци практично не можеле да се победат, персиската граница требало да се прошири до таму да се поклопи со границите на грчките држави на море и копно. Според Херодот, Персискиот војсководец Мегабаз го покорил Перинт и тргнал со војската низ Тракија, па ги натерал сите народи да се покорат на Дариј. Во врска со овој поход, Херодот раскажува и за нападот над пајонските градови од страна на персиската војска. Походот се случува 511 г. п.н.е., а целта на Персијците била да се освојат Пајонците поради тоа што претставувале значителна сила, а не заради нивните убави и вредни жени како што раскажува Херодот. По овој настан пајонските племиња Сиропајони, Пеопли и оние што биле населени вдолж езерото Прасијада биле преселени во Мала Азија, од каде што околу 500 г. п.н.е. со бунтот на Јонците против Персијците биле вратени назад. По походот на Мегабаз, Пајонците биле ослабени па тоа го искористиле тракиските племиња Одоманти и Сатри кои се населиле дури до Пангајон.

Пајонски племиња.

Низ историјата следните племиња биле споменати како пајонски:

Пајонско кралство

[уреди | уреди извор]

Агис (? – 359/8 г. Пр.н.е) е првиот пајонски владетел чие постоење е потврдено со историските извори. По неговата смрт во 359/8 г. Пр.н.е Филип II ја покорил Пајонија и наметнал вазални односи. И покрај формалната зависност на Пајонија од Македонија, на власт останала истата кралска куќа на чие чело стоел синот на Агис, Ликеј (ц.356-ц.340 г. пр.н.е). Покрај историските податоци и епиграфски споменици, за Ликеј говорат и парите што биле емитувани во негово име. Всушност Ликеј е првиот пајонски владетел потврден во историските извори, кој ковал пари. Син и наследник на Ликеј бил Патрај (340/335-315 г. пр. н.е.), кој пак бил наследен од Авдолеон (315-286/5 г. пр. н.е.). Авдолеон највеќе придонел да пајонскот кралство се доближи до развиениот хеленски свет и културата на државите на Александровите дијадоси. Во 289-88 год пр. н.е. тој ја снабдувал Атина со жито бидејќи Антигон Гонат го зазел нејзиното главно пристаниште, Пиреј. Поради таа помош атинското собрание му доделило граѓанско право нему и на неговите наследници, го одликувале со златен венец и му подигнале статуа на агората. Легитимен наследник на Авдолеон бил Аристон (286-85 г. Пр. н.е.), но тој бил нападнат од Лизимах и побегнал во Дарданија, а Пајонија и припаднала на Македонија. По наездата на Келтите на пајонскиот престол дошол Леон (278-250 г. пр. н.е., веројатно вториот син на Авдолеон, кој пак бил наследен од синот Дропион ( 250 - 3 деценија на III век). Дропион е последниот пајонски крал, а воедно и основачот на пајонскиот којнон (сојуз). По неговата смрт просторот на Пајонија го презела Македонија, а северниот дел и припаднал на Дарданија.

Но, само 60 г. подоцна, тука дошле Римјаните и Античка Македонија како држава претстава да постои. Од времето на независноста на Пајонија, најбогато археолошко наоѓалиште, е најдено кај денешната месност Демир Капија: клисурата на Вардар, Просек, останала природна граница меѓу македонската и пајонската држава и тука бил најлесно надгледуван магистралниот пат од Егеј кон внатрешноста на Среден Балкан и Подунавјето.

Најголемиот град во Пајонија бил Билазора, сместен во Овчеполската Котлина.Од него биле контролирани пограничните премини кон Кумановскиот регион каде што живееле дивите Дарданци, вечни пајонски непријатели.Билазора била опфатена со џиновски одбранбен бедем од камен и земја по чиј срт чинел ѕид од делкани камени блокови и зафаќала површина од 20 хектари.Во истражувањата на градот Стоби, пронајдени се и траги од предримско време, со делови од куќи улици гробишта.

Етничка припадност

[уреди | уреди извор]

Во источниот дел на Македонија живееле група на пајонски племиња. За етничката припадност на Пајонците, историчарите и јазичарите имаат различни ставови. Г. Дројзден, К. Белох, Л. Мееркер и Р. Катичиќ (повоздржано) оцениле дека Пајонците се хеленско племе [8]. Оваа теза ја поддржуваат грчките историчари и истражувачи, меѓу нив се Ј. Сворнос, А. Даскалакис, Ј. Калерис (аматер) и други. Еден дел од историчарите сметаат дека тие се тракиски народ, оваа теза ја поддржува Д. Дечев и поголем број на бугарски историчари. Според едно теза, Пајонците имале илирско потекло. ова тврдење го поддржуваат П. Кречмер, Х. Крае, Ј. Русу и повеќе албански историчари. Според некои научници, Пајонците се предхеленски индоевропски народ, а други сметаат дека Пајонците имаат бригиски корени. Фанула Папазоглу и Наде Проева ја застапуват идејата дека Пајонците се сродни со Бригите.[8]

Во наративните извори, Пајонците секогаш се набројуваат одделно од Илирите и Тракијците. Страбон еднаш Пајонците ги нарекува Тракијци, меѓутоа кога Страбон пишува за Тракија, името на оваа област го користи во географска, а не во етничка смисла [8]. За хеленските автори, тракиски народ биле и Гетите.

Пајонската ономастика покажува дека пајонските имиња се разликуваат од тракиските имиња [8]. Тракиските имиња се сложени: Хептаакент, Мукакент, Кетрипор и слично. Пајонските имиња се едночлени и еднокоренски: Дида, Котис, Манта, Мома, Посис, Сита и др. Овие пајонски имиња ретко се сретнуваат во етничка Тракија [8]. На територијата на Пајонија се среќаават поголем број на епихорски имиња, пронајдени на антропоморфни типови на стели, кои имаат паралели во бригиската ономастика. Такви имиња се: Бејтис, Котис, Манта, Местил и др. Западно од реката Места, односно на територијата на Пајонија и пајонските племиња, не се среќаваат топоними со типично тракиски завршетоци како што се: para, bria i diza.

Пајонските племиња и Линкестите најдолго време се спротивставувале на централната власт на Аргеадската династија. Помеѓу Пајонците и Аргедаите се воделе долги борби во текот на кои бил разурнат градот Амидон, а дел од Пајонците заедно со локалната пајонска династија емигрирале на север од Демир Капија.

Пајонската група на племиња била составен дел од Бригите и не влегувале во рамките не хеленските племиња. Кај Хомер, Пајонците се бореле на страната на Тројанците, против Ахајците. Пајонците учествувале во процесот на формирање (етногенезата) на Античките Македонци [8], процес кој завршил во доцната праисторија. Ј. Шашељ истакнува дека Пајонците тогаш се стопиле со останатите македонски племиња. А. Бенац истакнува дека процесот на претопување на Пајонците со останатите Македонци бил можен поради тоа што Пајонците биле сродни со нив.[8]

Според Енциклопедија Британика Пеонците биле народ од мешано, тракиско-илирско потекло, и иако подоцна биле освоени од Македонците, тие го задржале својот етничкиот идентитет до околу 400 година од н.е. кога нивната земја поминала од римска под византиска власт.[9]

Пајонски божества

[уреди | уреди извор]
Пајонија.

Пајонците го почитувале сонцето како божество и го претставувале како мал круг поставен на долга рачка. Пајонските жени и принесувале жртви на божицата Артемида, која изворно можеби имала друго име, но поради сличноста во изворите е поистоветена со хеленската божица. Исто така бил почитуван и Дијалос, кој во изворот е наведен како "пајонски Дионис".

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Петрова, Елена (1999). Пајонија. Скопје.
  2. 2,0 2,1 Early symbolic systems for communication in Southeast Europe, Part 2 by Lolita Nikolova,ISBN 1-84171-334-1,2003,page 529,"eastern Paionians (Agrianians and Laeaeans)"
  3. The Landmark Thucydides: A Comprehensive Guide to the Peloponnesian War by Thucydides, Robert B. Strassler, Richard Crawley, and Victor Davis Hanson,1998,ISBN 0-684-82790-5,page 153,"... of them still live round Physcasb- and the Almopians from Almopia. ..
  4. The Cambridge ancient history The Cambridge Ancient History, Martin Percival Charlesworth, ISBN 0-521-85073-8, 978-0-521-85073-5 Volume 4, Persia, Greece and the Western Mediterranean, C. 525 to 479 B.C, John Boardman,page 252,"The Paeonians were the earlier owners of some of these mines, but after their defeat in the coastal sector they maintained their independence in the mainland and coined large denominations in the upper Strymon and the Upper Axius area in the names of the Laeaei and the Derrones"
  5. The Histories (Penguin Classics) by Herodotus, John M. Marincola, and Aubery de Selincourt,ISBN 0-14-044908-6,2003,page 452,"... Then he passed through the country of the Doberes and Paeoplae (Paeonian tribes living north of Pangaeum), and continued in a ..."
  6. An Inventory of Archaic and Classical Poleis: An Investigation Conducted by The Copenhagen Polis Centre for the Danish National Research Foundation by Mogens Herman Hansen and Thomas Heine Nielsen,2005,ISBN 0-19-814099-1,page 854,""... Various tribes have occupied this part of Thrace: Bisaltians (lower Strymon valley), Odomantes (the plain to the north of the Strymon) ...""
  7. 7,0 7,1 The Histories (Penguin Classics) by Herodotus, John M. Marincola, and Aubery de Selincourt,ISBN 0-14-044908-6,2003,page 315, "... was that a number of Paeonian tribes - the Siriopaeones, Paeoplae, ..."
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 8,6 Историја ан Аргеадите, Наде Проева, Скопје, 2004
  9. "Paeonia", Encyclopædia Britannica online.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]