Хералдика
Хералдика или грбословие — наука за грбовите која се занимава со правилата кои владеат при нивното дизајнирање, спојување, наследување, како и блазонирање (опишување, читање) на грбовите. Хералдика е и систем на правила и принципи за создавање и носење грбови. Хералдиката е наука која го истражува тој систем и неговиот историски развој. Хералдиката е севкупност на грбови определена преку некои критериуми. Хералдиката е интердисциплинарна наука која опфаќа историjа, уметност, право, филозофиjа итн.
Историја
[уреди | уреди извор]Хералдиката е родена со развитокот на културата и односите во феудалното општество во Европа. Закрепостените селани, кои покрај економската обврска спрема своите земјопоседници, ја имале и таканаречена воена обврска. Тие, по потреба ги придружувале своите господари во разните воени потфати, одбранбени и завојувачки. Писменоста била резервирана за свештенството, во обичното општење се употребувале визуелни симболи.
Опшествените односи во феудалното опшество довеле до раѓање на еден нов слој од помладите синови на феудалните господари. Имотот бил неделив и бил наследуван од најстариот син, додека другите, освен финансиската поткрепа, немале многу други пра¬ва на имотот. Eден дел од нив се школувал за свештеници, додека другиот, поголемиот дел, го барал својот дел во опшеството. Се раѓа една нова класа витези.
Втор момент, кој придонел во раѓањето на хералдиката, е развојот на воената опрема и техника на војувањето. Околопот станувал сè поголем и покривал поголем дел од човечкото тело. Така, природната идентификација на воините преку лицето била невозможна. Повторно, личната идентификацијата се правела преку визуелните симболи.
Воената тактика во тоа време се состоела од борбата на помалите единици на бојното поле, најчесто военообврзниците на еден феудалец. Така, на бојното поле се појавила потреба од идентификација на одделните единици како на својата страна, така и на непријателската. Затоа, биле потребни јасни симболи кои се еднозначни и не се повторуваат.
Трет момент, кој одиграл голема улога во развојот на хералдиката, се крстоносните војни. Со повикот на папата Урбан II од Собирот во Клермонт во 1095 година, голем дел од витезите го прифатиле овој повик како нешто повеќе од само заштита на Исусовиот гроб. Бидејќи немале вистинско место дома, поради неможноста да наследат имот, ова изгледало како добар потег.[1]
Многу и од зкрепостените селани го сметале ова за добра замена на секојдневниот тежок живот и се пријавувале како доброволци.
И како што кажува самото име, крстот бил далеку најзастапениот симбол така што идентификацијата и командувањето на единиците станувало многу тешко. Така, се јавила потребата од дефинирање на еден систем на организација на симболите. Зачувана и една повелба од 13 јануари 1188 година од Гисор, од кралевите на Франција и Англија, Филип II и Хенри II како и грофот Филип од Фландрија, со која се идентификуваат различните нации преку крстови со различна боја и на различна заднина. Ова им претходиelo на знамињата на неколку европски држави (Англија, Шкотска, Данска, Норвешка).[2]
Оние што се враќале од Крстоносните војни се враќале со нови симболи од Истокот кои засекогаш ќе ја збогатат европската „симболистика“.
Четврт момент, кој веројатно е најзаслужен за развојот на хералдиката, се витешките турнири. Настанокот на турнирите се поврзува со средбата на Лудвиг Германски и неговиот брат Карл во 844 год. кога свитите на двата крала во Стразбург одржале натпревар во вид на војна. Годфри де Преули, од Франција, прв ги составил правилата на турнирот во средината на 11 век. Тоа биле забавни настани во кои најмногу се натпреварувале витези, а служеле и за забава на народните маси кои биле публика.
Турнирите биле одржувани на панаѓурите и претставувле повеќедневни настани во кои се натпреварувале витези со докажано благородничко потекло, во повеќе дисциплини. Хералдите ја имале главната задача и главната улога на овие турнири.
Настанување на грбот
[уреди | уреди извор]Отсекогаш, воините го украсувале своето оружје. Штитот, како најголем дел од вооружувањето, бил особено погодно место за осликување. Тој бил направен од дрво, најчесто прекриен со кожа врз која се сликало, но често, и релјефно се украсувал со форми од варена кожа и жица.
Долго време, изборот на симболот, амблемот, бил избиран самостојно. Најчесто, тоа биле или едноставни геометриски форми или едн¬оставни животни или растенија. Се случувало и често менување на амблемот. Подоцна, симболот станал постојан и се пренесувал од татко на син. Овие амблеми почнале да излегуваат од штитот и да обележуваат другите предмети од кој меѓу најпрвите била облеката.
Опшествениот начин на живот наложувал оваа привилегија да си ја дозволат само слободните. Поради фактот што овие симболи имале и улога на идентификација, и за да се избегне препознавањето на грбовите, тие почнале да се разликуваат еден од друг.[3]
Традиционално се верува дека најстариот документиран грб е грбот на Геофри Плантагенет, војводата од Нормандија, а подоцна Хенри II, (прикажан на сликата лево), опишан во свадбената повелба од 1127 година, која го прикажува доделувањето на грбот од кралот Хенри I, таткото на неговата сопруга. Неговиот внук, Вилијам Лонгспи, го употребува истиот грб со што се потврдува една од најважните одлики на грбовите, постојаност односно, наследноста.[4]
Првите грбови биле штитови поделени во две бои кои давале доволен контраст за да бидат претпознатливи од далеку, или пак, имале еден амблем. Крстоносните војни, допирот со источните култури довеле до многукратно збогатување на симболиката која се употребувала на штитот.
Крстоносните војни имале големи последици и влијание во сите сфери на животот во старата Европа, па и на оружјето. Како неопходен додаток на воената опрема почнал да служи и плаштот со кој железните витези се заштитувале од средоземното сонце. Така, шлемот со овој детаљ и штитот станале неразделни делови на грбот.
На шлемот се наоѓала и челенка, апликација направена од жица, кожа, дрво, која го држел плаштот. Челенката претставува еден важен дел, амблем, во хералдичкото достигнување што претставува збир на хералдички елемнти во кои покрај грбот (штитот, челенката, штитодржачите, итн), спаѓаат и штандартот и беџот.
Најнапред, грбот бил личен и користен на бојното поле, но брзо се ширела употребата на грбовите. Така, во почетокот на 13-от век во Англија се употребувале 1.500 различни грбови. Грбови почнале да употребуват и цивилите, надвор од бојното поле, обичните луѓе и различните опшествени и трговски заедници. Така, црковните лица почнале да употребуваат грбови од 1200 година, граѓаните (жителите во градовите) од 1220 год., умет¬ници од 1230 година. Градовите од крајот на 12-от век, потоа корпорациите од 1240 година итн.[5]
Грбовите може да се поделат според видот на носителот. Ако носителот е поединец или семејство, станува збор за личен грб, ако носителот е заедница, организација, фирма, тогаш станува збор за корпоративен грб, а ако носителот е географски ентитет, град, област, територија, зборуваме за месен грб. Доколку грбот е врзан со определена функција, тогаш постои грб на функцијата. Посебна категорија се црковните и државните грбови. Поради посебните одлики на армигерите (носителите на грбот), се јавуваат и специфични одлики на секој од овие видови грбови.[6]
Хералди
[уреди | уреди извор]Хералдиката може да се дефинира и како активност на хералдот.[7] Впрочем, и името хералдика доаѓа токму од зборот хералд. Зборот хералд (herr Alt) потекнува од двата старогермански зборови воин и стар, со денешно значење „ветеран“.[8] Првата активност на еден хералд ја забележал хроничарот Гуилам Ле Маршел. Тој запишал дека битката кај Дринкорт, Нормандија, која се одвивала во јули 1173 година, ја набљудувал хералд.[9]
На почетокот, хералдите биле од војничкиот занает. Тоа биле луѓе познати по своите воени вештини во војна или на турнири. Биле познати и по својот карактер и по доблеста. Затоа, добивале улоги кои барале комбинација на добар карактер, искуство, образование и други тајни вештини кои ќе ги откриеме подоцна.
Тие се занимавале со организирање и со спроведување церемонии. Ги носеле поканите и други важни пораки до соседните кралства. Тие биле гласници, и поради тоа, зборот хералд подоца го презел ова значење. Тие биле претходници на денешните дипломати. Хералдите ги организирале турнирите и се грижеле за нивната регуларност. Ги препознавале витезите кои доаѓаат на рингот и ги најавувале со трубење во рог. Потоа, ги читале на глас грбовите, кажувајќи ја нивната генеологија и воспевајќи ги нивните подвизи. Оттука, читањето на грбовите или нивниот опис се вика блазонирање. Потекнува од старогерманскиот збор „блазон“ (Blausen), што значи: дување во рог. Збор кој во францускиот јазик значи грб.
Најважниот дел од регуларноста, сепак, била грижата на турнирот да учествуваат само благородници. Затоа, хералдите добро ги познавале грбовите на витезите, како и нивните предци и роднини. Воделе евиденција и списоци на тие грбови во книги наречени грбовници. Така, првите грбовници се јавуваат околу 1250 год.[10]
Познавањето на овие нешта, грбовите и семејните врски, херал¬дите полека ги внесувале во службата на феудалните господари, па дури, и на самиот крал. Познавањето на грбовите било од непроценлива важност на бојното поле, а тоа, всушност, значело и препознавање на воените единици. Ова било неизбежлива алка во синџирот на командување. Ги попишувале и настраданите во битките, повторно идентификувајќи ги според грбовите. Преговарале и за ослободување на затворени витези, се разбира за откуп.
За да ги постигнат сите овие должности имале дипломатски имунитет, биле невооружени и непречено оделе по бојното поле и по затворите на непријателот. Разнесувале важни пораки меѓу затворениците и нивните семејства и договарале откуп. Од широкиот спектар на активности, на хералдите им останала само една и тоа во сферата на утврдувањето на стандардите за создавање, поседување, пренесување на грбовите и на другите хералдички достигнувања. Тие ги утврдувале правилата со создавање на грбовите. Со векови, овие правила биле дел од тајната кои не се запишувале, туку се предавале усно од генерација на генерација.[11]
Грб
[уреди | уреди извор]Грбот може да се дефинира како: „Потрајна наследна ознака за идентификација на одделни личности, фамилии, корпорации, политички и црковни установи, организации и држави, функции, територии и населени места, изразени со ликовни средства (знакови и бои) според хералдичките правила“.[12]
Во повеќето јазици, зборот грб е ист со зборот оружје. Во словенските јазици, зборот грб доаѓа од германскиот збор ербе што значи наследност. „Erbe“ преоѓа во полското „herb“, а преку руското „герб“ во српскиот збор грб. Оттаму преоѓа во македонскиот јазик. Постарите, пак, словенски ракописи ги користат зборовите „знамени“ и унгарскиот збор за грб „цимери“.[13]
Најраните грбови биле со едноставен дизајн од неколку бои или амблеми, кои можеле да се претпознаат оддалеку. За заштита на железниот оклоп од силното сонце се користела мантијата - плашт кој за шлемот бил прикачен преку челенка - апликација направена од жица, од кожа, од дрво. Штитот, шлемот со челенката и плаштот станале основни делови на грбот. Хералдичкото достигнување е збир на хералдички елементи во кои спаѓаат грбот (штитот, челенката, штитодржачите итн.), стандардот и беџот.[14]
Штитот бил правен од дрво, врз кој се сликало. Долго време симболот, амблемот и симболичката композиција биле избирани самостојно. Најчесто тоа биле едноставни геометриски облици или едноставни животни или растенија. Главната улога на амблемот била магиска, да го заштити воинот од оружјето на непријателот. Се случувало и често менување на амблемот, најчесто по неуспехот на магискиот симбол да го испорача посакуваниот резултат.
Подоцна, во феудалното општество во Европа, писменоста била резервирана за свештенството, а во обичната комуникација се употребувале визуелни симболи. Од друга страна, развојот на воената опрема и техника на војувањето довел до тоа оклопот да станува сè поголем и покривал поголем дел од човечкото тело. Природната идентификација на воините преку лицето била невозможна. За личната идентификацијата биле потребни надворешни визуелни симболи, каков што е штитот. Симболот станал постојан и се пренесувал од татко на син. Бидејќи овие симболи имале главно улога на идентификација за да се избегне повторувањето на грбовите, тие почнале да се разликуваат еден од друг. Тоа значи дека секој поединец требало да се идентификува со грб, различен од оние на другите.
Овие грбови станале и симбол на идентификација на групи на поддржувачи на едни од првите спортски натпревари, настанати во 10 век - витешките турнири, на кои можеле да се натпреваруваат само витези. Секој од овие витези имал своја група поддржувачи, кои ги бодреле од трибините, ги препознавале нивните грбови и се поситоветувале со нив и нивните победи, иако никогаш не можеле да бидат на нивно место. Слично како и со денешните навивачи.
Грбот како симбол на идентитет на група се јавува преку три основни концепти: личниот (семеен) грб којшто поврзува луѓе крвно поврзани, грбови на градови коишто поврзуваат луѓе што ги поврзува местото на живеење; и корпоративни грбови коишто поврзуваат луѓе професионално (гилдии), како и универзитети.[15]
Елементи на грбот
[уреди | уреди извор]Штит
[уреди | уреди извор]Штитот е основниот дел на грбот. Тој е задолжителен дел и може да стои и сам, што претставува Мал Грб, и затоа понекогаш поимот грб се поистоветува со штитот.
Челенка
[уреди | уреди извор]Челенка е вториот важен дел на грбот, кој се наоѓа над штитот, најчесто над шлем, но може да стои и дирекно над штитот. Челенката може да стои над точеницата, која претставува дел од свиткано платно.
Челенката може да стои и како самостоен елемент.
Шлем
[уреди | уреди извор]Шлемот е дел којшто иако не е задолжителен станува најчест дел. Видот на шлемот во многу национални хералдики го претставува статусот на армигерот.
Плашт
[уреди | уреди извор]Плаштот е платно со кое се покривал оклопот да се заштити од времето. Станува дел од грбот и е задолжителен елемент доколку над штитот има шлем. Традиционално, горната страна на плаштот е во претежната боја на штитот, додека долната страна е со претежниот метал од штитот.
Штитодржачи
[уреди | уреди извор]Штитодржачите не се задолжителни. Во некои национални хералдики потребно е посебно право за поседување на штитодржачи во приватните грбови.
Штитодржачите можат да бидат истоветни, но и различни. Најчесто тие се животни или луѓе и нивни нереални презентации.
Подножје
[уреди | уреди извор]Понекогаш грбот заедно со штитодржачите е потпрен на ритче кое се нарекува подножје.
Девиза
[уреди | уреди извор]Девизата е незадолжителен дел на грбот и претставува натпис од различен вид. Традиционално, бојата на лентата е од доминантниот метал, додека буквите се во доминантната боја.
Под или над грбот, никогаш не се јавува свиток со името на носителот на грбот. Тоа е случај само во некои грбовници и служи за распознавање.
Други делови
[уреди | уреди извор]Кога носителот на грбот е од некој витешки ред тогаш околу штитот се страва и гердан со орденот на редот.
Витезите пак од Суверениот воен ред на Малта имаат право на своите грбови, зад штитот да стават малтешки крст.
Други хералдички елементи
[уреди | уреди извор]Покрај грбот, хералдиката познава уште два други засебни знаци.
Значка
[уреди | уреди извор]Во хералдиката, значката претставува обележје кое исто така го претставува грбоносецот (имателот на грбот). Тој може да содржи елементи од грбот но и не мора.
Кога грбот станува традиционален симбол, кој најверојатно имал значење за оригиналниот носител, но наследникот сака да има нешто што би го означувал него, често значката претставува решение.
И кога грбот станува прекомплексен, често значката ја презема улогата за полесна идентификација.
Често и челенката се јавува во улогата на значка.
Хералдички знамиња
[уреди | уреди извор]Хералдиката познава неколку видови на хералдички знамиња а најпознати и најчесто применувани се банерот и штандартата.
Банер
[уреди | уреди извор]Банерот всушност е презентацијата на елементите на штитот на правоаголно знаме. Тука влегуваат само елементите на штитот.
Штандарт
[уреди | уреди извор]Штандартот е посебен вид на хералдичко знаме, на кое покрај елементите на штитот можат да се појавуваат и девизата, значката и челенката.
Хералдичка практика
[уреди | уреди извор]Правото да се има и користи грб низ историјата
[уреди | уреди извор]Во почетокот на времето на хералдиката, луѓето, односно благородниците сами одлучувале за дизајнот на грбот. Во тоа време положбата на обичните луѓе не им дозволувала да имаат грбови. Набргу, големите великодостоинственици го земаат правото за доделување на грб. Со јакнењето на монархијата, правото на доделување на грб го задржува царот.
Со појавата на републиките и крајот на монархизмот, во најголемиот дел од државите, се губи и постоењето на официјални хералдички органи кои би се занимавале со доделување на грбови, како и со грижа за тоа кој користи грб, како орган на дворот.
Дури и во некои монархии не постои строга хералдичка легислатива, па така, во најголем број држави, секој може да си дизајнира и користи грб.
Најсериозно хералдичката легислатива е сфатена во Шкотска, каде може да се заврши со големи казни доколку некој користи туѓ грб (видете: Шкотска хералдика).
Кој денес може да поседува и користи грб?
[уреди | уреди извор]Денес, за граѓаните на оние земји кои немаат официјални хералдички тела и закони, во која група спаѓаат поголемиот број земји, секој може да користи грб. Секој може да користи блазон како свој, освен ако грбот кој го одбрал веќе не е заштитен на некој легален начин.
Грбот може да биде и веќе постоечки, кој може да се користи во случај на легално наследство.
Хералдичкото уредување денес
[уреди | уреди извор]Бидејќи во поголемиот дел на земјите не постои официјално хералдичко тело и законска рамка во која тоа би работело, денес, хералдички авторитет претставуваат разни хералдички здруженија, кои прествауваат приватни организации.
Актите на овие здруженија немат правна моќ и се доброволни. Сепак имаат авторитет во хералдичките кругови. Здруженијата се занимаваат со создавање на грбови, водат евиденција за постоечките и новите грбови, и често вршат генеолошки истражувања како дел од евиденцијата за носителите на постоечките грбови и нивните наследници.
Правото за доделување грб
[уреди | уреди извор]Право на доделување на личен грб го има монархот преку хералдички орган. Ова се случува со посебен документ. Лицето кое користи грб се нарекува грбоносец или „армигер“. Кога едно лице има право на грб, за него велиме дека е „грбоносно“ (англ. armigerous)
Под поимот подарување (доделување) на грб се подразбира акт на дизајнирање на грб и давање полно законско право за поседување и користење, од страна на владин орган, кој може да го прави тоа во согласност со уставот.
Ова е најтесната дефиниција на законско стекнување со грб. Според оваа дефиниција, само неколку тела можат да подарат грб, а тоа се оние хералдички авторитети на монархии, каде ова е регулирано со уставот и соодветни закони.
Тука спаѓаат англискиот Колегијат на грбови, шкотскиот Суд на Лордот Лајон, шпанскиот корониста. Овие институции подаруваат грбови само на свои државјани, со сосема мали исклучоци. Со овие органи раководат грбовни службеници, хералдички функционери кои се делат на три чина: грбовни кралеви, хералди и персеванти.
Во хералдичкиот свет се прифатливи и оние хералдички здруженија во републиките, кои ја продолжуваат традицијата на дворските хералди, кои имаат поддршка од изгонетите монарси.
Прашањето за јурисдикција
[уреди | уреди извор]Отсекогаш хералдите имале определени јурисдикции односно територии на кои се протегала нивната хералдичка власт, а тоа било територијата на владеење на монархот во чија служба бил хералдот. Затоа хералдите подарувале грбови само на свои поданици и на „странци“ кои имаат голем придонес во соодветната монархија.
Ова претставува важно прашање кога станува збор за подарување грбови, односно регистрација, како понизок степен на официјализација на грбот.
Следува дека едно хералдичко здружение има јурисдикција само врз територијата која ја покрива. Затоа, се регистрираат грбови само на жители на таа јурисдикција како и иселеници кои потекнуваат од неа.
Регистрацијата на грб во друга јурисдикција нема хералдичка оправданост.
Хералдиката како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Хералдичките расудувања на господинот Когито“ - песна на полскиот поет Збигњев Херберт.[16]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Страница на Македонското грбословно друштво
- Страница на хералдичкиот уметник Коста Стаматовски
- Страница на Бугарското хералдичко и вексилолошко општество Архивирано на 21 август 2006 г.
- Страница на руската хералдика
- Страница на Хрватската хералдичка и вексилолошка асоциjациja
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Јоновски, Јован (2015). Симболите на Македонија. Скопје: Силсон. стр. 63. ISBN 9786082190914. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Арсеньев, Юрий В. (2001). Геральдика. Москва: Терра - Книжный клуб. стр. 32.
- ↑ Јоновски, Јован (2015). Симболите на Македонија. Скопје: Силсон. стр. 64. ISBN 9786082190914. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Brooke-Little, J.P. (1978). Boutell's Heraldry. London: F Warne Publishers Ltd. стр. 4.
- ↑ Pastoureau, Michel (1997). Heraldry, Its Origin and Meaning. London: Thames & Hudson Ltd. стр. 20.
- ↑ Јоновски, Јован (2015). Симболите на Македонија. Скопје: Силсон. стр. 69. ISBN 9786082190914. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Fox-Davis, Arthur C (1971). A Complete Guide to Heraldry. Rutland: C.E. Tuttle Co. стр. 1.
- ↑ Арсеньев, Юрий В. (2001). Геральдика. Москва: Терра - Книжный клуб. стр. 86.
- ↑ Neubecker, Ottefried (1988). Heraldry, Sources, Symbols and Meaning. London: Black Cat/Macdonald & Co. стр. 12.
- ↑ Boutell, Charels (1867). English Heraldry. London: Cassell, Petter, and Galpin. стр. 12.
- ↑ Јоновски, Јован (2015). Симболите на Македонија. Скопје: Силсон. стр. 67. ISBN 9786082190914. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Јоновски, Јован (2019). Сонцето и лавот како симболи во хералдиката и вексилологијата на Македонија. Скопје: Македонско грбословно друштво. стр. 20. ISBN 978-608-66337-0-7. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Zmajić, Bartol (1996). Heraldika, Sfragistika, Genealogija, Viksilologija, Rječnik Heraldickog Nazivlja. Zagreb: Golden Marketing. стр. 17.
- ↑ Јоновски, Јован (2015). Симболите на Македонија. Скопје: Силсон. стр. 68. ISBN 9786082190914. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Јоновски, Јован (2019). Сонцето и лавот како симболи во хералдиката и вексилологијата на Македонија. Скопје: Македонско грбословно друштво. стр. 24. ISBN 978-608-66337-0-7. Укажано повеќе од еден
|author=
и|last=
(help) - ↑ Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 195-196.
|