Стара Грција
Поимот Стара Грција се однесува на делот од грчката историја кој траел од грчкото темно доба (околу 1100 п.н.е.) и инвазијата на Дорците, до 146 п.н.е. и римското освојување на Грција по Битката кај Коринт. Општоприфатено е дека старогрчката култура ја претставува самата основа на културите на западните цивилизации. Грчката култура имала големо влијание над Римското Царство, која пренела различни верзии од неа во многу делови од Европа. Цивилизацијата на Старите Грци извршила големо влијание на јазикот, политиката, образовните системи, филозофијата, науката и уметностите, учествувајќи во подемот на ренесансата во Западна Европа, и во различните неокласични оживувања во XVIII и XIX век, во Европа и Америка.
Критско-Микенски свет
[уреди | уреди извор]Природни услови и население
[уреди | уреди извор]Грција се наоѓала на јужниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа излегувала на три мориња: Јонско, Егејско и Средоземно. Нејзиниот брег бил разгранет со многу полуострови, заливи и острови, од кои најголем е островот Крит. Територијата на Грција географски е поделена на северна - Епир и Тесалија; средна - Атика и Беотија и јужна - Пелопонез. Грција била планинска земја, највисокиот врв се наоѓал на планината Олимп (3000 m). Според тоа, таа била без услови за развој на земјоделство. Во Грција било развиено сточарството, морепловството и трговијата. Според грчкиот историчар Тукидид (460-369 п.н.е.), најстари жители на елада биле Каријците и Лелегитите, кои ја развивале цивилизацијата на островот Крит. Најзначаен центар на островот Крит бил градот Кносос, а според легендата тука живеел кралот Минос. Според Минос, и културата развивана на овие простори била наречена Минојска или Критска, а била развивана од 2600-14 век п.н.е.. Во почетокот на XX век п.н.е., од север во Грција се населиле Ахајци, кои продреле во најјужните предели на Грција, го освоиле островот Крит и ја уништиле критската култура. На Пелопонез бил изграден градот Микена кој станал центарна новата Микенска цивилизација (1600-13 век п.н.е.). Околу 12 век п.н.е. во северот на Грција се населиле Јонци, Дорци и Еолци, кои го покориле и асимилирале домородното население кое имало поразвиена култура, ја прифатиле и ја развиле уште повеќе. Тие се нарекле Хелени, а земјата Хелада, а подоцна го добиле името Грци од Римјаните.
Хомеровото време (1200-800 г.п.н.е.)
[уреди | уреди извор]За Хомеровото време најмногу информации се исцрпени од еповите „Илијада“ и „Одисеја“, напишани од слепиот поет Хомер. Во Хомеровото време, Хелените сè уште живееле во родовско уредување, на чело на родот стоел старешина - Базилеј. Постоело народно собрание - Агора, во кое влегувале сите мажи способни за војување. Постоел и Совет на старешини - Буле. Но, со развој на производствените сили, родовите почнале да се распаѓаат на семејства, кои се обединувале во селски општини - Деми. По своето богатство се истакнувале родовските и воените старешини прераснувајќи во аристократи, а постоел и народ - Демос, составен од слободни луѓе и робови.
Создавање на градови-држави
[уреди | уреди извор]Со развојот на производствените сили елинското општество сè повеќе се раслојувало на богати и сиромаси. Богатите за да ја зачуваат власта над сиромасите создале државен апарат, но планинската природа на Грција не давала можност за економско и политичко обединување на Хелените. Тука не се создала единствена држава, како на стариот исток, туку се создале повеќе мали држави (околу 100). Тие ја опфаќале територијата на еден град со околината, и се наречени градови-држави (полиси). Секој полис ги задоволувал потребите на своето население, и затоа секоја држава ја чувала својата самостојност и била против обединување во една држава. Полисите често војувале меѓу себе. На чело на град-држава се наоѓал Базилеј, кој бил врховен војсководец, свештеник и судија. Тој се советувал со советот на старешини и со народното собрание. Најзначајни градови-држави биле: Атина, Спарта, Теба, Коринт, Мегара и .
Грчка колонизација
[уреди | уреди извор]Причините за колонизација биле од економско и социјално потекло. Во Грција немало доволно обработлива земја, што предизвикало голема пренаселеност во градовите и појава на глад. Во периодот од VII-VI век п.н.е. била извршена колонизација во три правци: на запад кон јужна Италија и Сицилија, на север кон Тракија и Јадранско Море и на исток кон Мраморно и Црно Море. Поради големиот број грчки колонии во Јужна Италија, Римјаните оваа област ја нарекле „Голема Грција“. Грчките колонии се развиле во независни држави - полиси, но не ги прекинале врските со својот роден крај. Тие станале посредници за снабдување на својот роден крај со суровини и храна. Развојот на трговијата овозможил многу полиси да израснат во трговски и политички центри. Во тој поглед, особено се истакнал градот Милет, кој се наоѓал на Малоазискиот брег, и кој и самиот имал свои колонии на Црното и Средоземното Море. Така Хелените со колонизацијата станале господари на Црното, Средоземното, Јадранското и Јонското Море.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- „Историја“ од професор Јорданка Патковиќ.