Прејди на содржината

Мексиканска валутна криза

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мексиканската криза, позната и како „Текила криза“, била валутна криза која се случила во Мексико кон крајот на 1994 и почетокот на 1995 година, а покрај сериозните последици за економијата на Мексико, нејзините ефекти се прелеале и во останатите земји на Јужна Америка.

Текот на кризата

[уреди | уреди извор]

На 20 декември 1994 година, мексиканската влада, предводена од новиот претседател Ернесто Зедиљо, ја објавила одлуката за девалвација на мексиканското песо во однос на американскиот долар во износ од 14 %. Меѓутоа, таа одлука предизивкала бран на масовно продавање на мексиканската валута, како и мексиканските акции и обврзници. Како последица на тоа, на почетокот на јануари 1995 година, вредноста на песото во однос на доларот опаднала за 40 %, принудувајќи ја мексиканската влада да премине кон флуктуирачки курс. Овие случување предизвикале одлив на странскиот капитал и од другите земји во Латинска Америка и во Азија, со што кризата се проширила надвор од границите на Мексико. Поради опасноста од банкрот на мексиканската влада и заканата од светска финансиска криза, САД, Меѓународниот монетарен фонд и Банката за меѓународни порамнувања на 31 јануари 1995 година го објавиле пакетот за спас на Мексико во вредност од 53 милијарди долари, а тоа предизвикало смирување на меѓународните финансиски пазари. Мексиканската криза е веројатно првата сериозна меѓународна финансиска криза предизвикана од одливот на странски капитал. Имено, во период од три години пред избувнувањето на кризата, меѓународните инвестициски фондови инвестирале повеќе од 45 милијарди долари во мексикански хартии од вредност, а кога почнала да опаѓа вредноста на песото, инвестициските фондови веднаш ги продале мексиканските хартии од вредност, што довело до натамошен притисок врз песото.[1]

  1. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 50-51.