Прејди на содржината

Клетва

Од Википедија — слободната енциклопедија
Жена изведува ритуал на проколнување (Хокусај)

Клетва (или колнење) е форма на говор при што (спротивно од благословите) се посакува да се случи нешто лошо.

Разни видови на клетви се појавуваат уште во предисториските култури, а денес голем дел од клетвите се присобрани од фолклорните дејци како „народни умотворби“.

Клетва според народното верување, иако вербална, претставувала тежок облики на нанесување зло поради омраза, одмазда или некоја друга причина. Најтешки клетви биле крвните: од родителот, братот, сестрата; клетвите од кумот, пријателот кој помагал во неволја, побратимот или луѓето на кои им било нанесено зло исто така се сметале за тешки. Животните и билките исто така можеле да го проколнат човекот, особено ако чинел зло врз нив постојано и со намера.

Жените своите клетви понекогаш ги театрализирале со распетлани кошули, разголени гради, со расплетување или сечење на косата, со клетва која добивала облик на песна, дури и римувана како тажаленка. Но колнењето имало сопствена реперкусија, криво изречената клетва најчесто се враќала, на оној кој колне, но и на неговото потомство. Во народот влаедеело верувањето дека клетвата за дете претставува потешка казна од тепањето.

Клетвата претставува отворена и партнерска комуникација со оној свет, повикување на оностраното е под призма на истерување на правда и во определени периоди ја има улогата на институција. Според некои верувања машката клетва е многу посилна од женската, тоа се објаснува со апотропејна улога на накитот кој е од метал и претставува пречка за комуникација со оностраното.

Клетвата е многупати поврзана со обредно исползување на магиските елементи кои имаат важна улога во зацврстување на вербалното казнување. Кај македонскиот народ е забележано фрлање на камен кон проколнатиот и клетвите поврзани со неговите одлики “Кога каменот ќе се врне и тој да се врне” или “Камен да се стори”.

Засилување на клетвата се вршело и со допирање на земјата (изразување блискост и барање поддршка од мртвите и од демонските битија), како и со разголување (симнување на облеката овозможувала полесен и понепосреден контакт со оностраното), како и со самоповредување (симболично жртвување). Во Малешевијата е познато коленичење, при што разранувањето на колениците (некаде и лактовите) претставува непосредно, крвно врзување со натприродните битија од кои се побарува помош.

Нашите предци практикувале и колективна клетва, најчесто таа имала за цел протерување и отстранување на некоја личност или семејство од заедничкото живеалиште. Ваквиот облик на колнење е карактеристичен за Црна Гора, но бил забележан и во другите краишта.

Како најстрашни сепак се забележани клетвите од родителите или од кумот. Секоја криво изречена клетва се враќа повеќекратно. Залудно и лажно колнење се пренесувало казна на потомството, низ генерации. Постоеле верувања дека клетвата може да се отклони со магиските елементи и со помош на натприродните битија.

Во страв од проколнување кај нашите народи се забележани помирувања во племенските заедници, прекинувања на крвните одмазди, градење на храмови и др.

  • Гордана Стојковска, Јужнословенска митологија, 2004, Издавачки центар Три, Скопје.
Викицитат има збирка цитати поврзани со: