Англиска поезија
Историјата на англиската поезија започнува од средината на VII век и трае до денешен ден. Англиската поезија, како и англискиот јазик, се проширени на глобално ниво и поради ова, терминот Англиска поезија добива двојно значење: поезија напишана во Англија или поезија напишана на англиски јазик.
Најраната поезија на територијата на денешна Англија била пренесувана усно, а потоа биле запишувани разни верзии кои денес не постојат. Поради тоа, тешко е да се одреди точно од кога датира најстарата англиска поезија. Најстарите ракописи кои се зачувани се од X век. Поеми напишани на латински, бритонски (претходник на велшкиот) и староирски јазик се зачувани и датираат од VI век. Најстарата поезија на англосаксонски, најдиректниот претходник на современиот англиски јазик, се верува дека е создадена некаде во VII век.
Со развитокот на трговијата и британската империја, англискиот јазик почнал да се користи и надвор од Англија. Во XXI век, само мал процент од писателите чиј мајчин јазик е англиски живеат во Англија, а има и сѐ повеќе автори чиј мајчин јазик не е англиски, но сепак пишуваат на англиски. Се развиваат и американска, австралиска, новозеландска, канадска и индиска поезија. Од 1921 година, и на ирската поезија се гледа како на посебна научна област.
Во оваа статија, најмногу се става фокус врз поезија од автори кои биле родени или поминале поголем дел од својот живот во Англија. Но поради разновидната природа на темата, во овој краток водич има и преглед на поезијата од други земји.
Најстарата англиска поезија
[уреди | уреди извор]Најстарата англиска поема денес позната е химна. Бид му ја препишува оваа химна на Кедмон, кој, според легендата, бил неписмен овчар кој создавал импровизирана поезија во манастир во Витби.[1] Ова се смета за почетокот на англосаксонската поезија.
Голем дел од поезијата од овој период е тешко да се датира или да се среди хронолошки. На пример, големиот еп Beowulf („Беовулф“) се смета дека бил напишан некаде во периодот помеѓу 608 и 1000 г., но досега не е постигнат консензус.[2] Но може да се идентификуваат некои клучни моменти. The Dream of the Rood („Сонот за крстот“), христијанска поема, била напишана некаде пред 700. година, зашто била изгравирана на рунско писмо на крстот Рувел, кој бил изграден во VII век.[3] Некои поеми кои раскажуваат историски настани, како на пример The Battle of Brunanburh („Битката кај Брунанберг“) (937 г.) и The Battle of Maldon („Битката кај Малдон“) (991 г.) и за тие се знае дека биле создадени кратко по настаните кои ги опишуваат и поради тоа, може доволно прецизно да се датираат.
Но англосаксонската поезија се категоризира по ракописите кои се зачувани, а не по периодот на пишување. Најважните ракописи се четирите поетски кодеци од доцниот X и раниот XI век, кои се познати како: ракописот на Кедмон, Книгата на Верчели, Книгата на Ексетер и ракописот на Беовулф.
Иако количински нема многу сочувана поезија, таа што е сочувана е доста голема. „Беовулф“ е единствениот херојски еп кој е целосно сочуван, но има и фрагменти од други слични херојски епови. Друг важен жанр била и црковната поезија, од посветени дела до библиски парафрази; елегии како The Wanderer („Талкачот), The Seafarer („Морепловецот“) и The Ruin („Урнатините“) (што често се смета за опис на урнатините од Бат); и бројни поговорки, загатки и магии.
Англосаксонската поезија била пишувана во алитеративен стих, без внимание на римата, освен еден исклучок: The Rhyming Poem („Римуваната поема“), која се наоѓа во книгата на Ексетер.
Англонорманскиот период и доцниот среден век
[уреди | уреди извор]По освојувањето на Англија од страна на Норманците, англосаксонскиот јазик почнал сѐ помалку да се користи. Новата аристократија зборувала на француски и овој јазик станал официјален во судот, парламентот и културното општество. Како што се мешале освојувачите со мештаните, така се мешале и нивниот јазик и литература. Францускиот дијалект на аристократите станал англонормански, а англосаксонскиот постепено ја почнал преобразбата во средноанглиски јазик.
Иако повисоките класи го претпочитале англонорманскиот или латинскиот јазик, англиската литература не замрела. Многу важни дела од овој период го покажуваат развитокот на јазикот. Некаде околу XIII век, Лејамон го напишал Brut („Брут“) според истоимениот англонормански еп на Вејс од XII век. Јазикот на Лејамон е средноанглиски, иако неговата прозодија покажува присуство на силно англосаксонско влијание. Зачувани се и други вакви докази. Со време, англискиот јазик го вратил својот престиж и во 1362 ги заменил францускиот и латинскиот во парламентот и судот.
Во XIV век почнале повторно да се појавуваат дела на англиски јазик. Таканаречениот Pearl Poet ги создал Pearl („Бисер“), Patience („Трпение“), Cleanness („Чистота“) и Sir Gawain and the Green Knight („Сер Гавејн и Зелениот Витез“); Вилијам Ленгленд ја напишал политичката и религиозна алегорија Piers Plowman („Орачот Пирс“), Џон Гауер - Confessio Amantis („Исповедот на љубовниците“); и, се разбира делата на Џефри Чосер, најуважениот поет од средниот век, на кого неговите современици гледале како на следбеник на традицијата на Вергилиј и Данте.
Репутацијата на следбениците на Чосер во XV век е помала во споредба со неговата, иако Џон Скелтон и Џон Лидгејт темелно се проучуваат. Во Шкотска исто така почнува да се пишува поезија со The Kingis Quair на кралот Џејмс Први. Најглавните поети од овој почетен период се Роберт Хенрисон, Вилијам Данбар и Гавин Даглас. Хенрисон и Даглас вовеле еден вид груба сатира, а дагласовата верзија на Енеидата на Вергилиј е еден од најраните споменици од ренесансниот книжевен хуманизам во Англија.
Ренесансата во Англија
[уреди | уреди извор]Ренесансата подоцна дошла во Англија; за почеток се зема 1509 година отприлика. Исто така, општоприфатено е дека периодот на ренесансата во Англија траел сѐ до реставрацијата, во 1660 година. Но многубројни фактори го подготвиле патот на „новото учење“ (ренесансниот хуманизам) уште долго пред тоа да започне. Многу поети од средниот век покажале интерес кон идеите на Аристотел и делата на предвесниците на европската ренесанса, како, на пример, Данте.
Во 1474, Вилијам Кекстон ја воведува печатарската машина во Англија и со тоа придонесува до побрзо ширење на новите писатели и мислители, и повторно откривање на старите. Кекстон ги отпечатил делата на Чосер и Гауер и овие книги потпомогнале кон создавање на идејата за домашна поетска традиција која е слична со европската. Освен тоа, делата на англиските хуманисти Томас Мор и Томас Елиот го доближиле „новото учење“ до народот.
Уште три други фактори придонеле до почетокот на ренесансата: реформацијата, против-реформацијата и почетокот на англиската поморска сила и прекуокеанските истражувања и проширувања. Со установувањето на Англиската црква во 1535 се забрзува процесот на ослабување на христијанските идеи, што претходно доминирале над интелектуалниот и уметнички живот. Истовремено, прекуокеанските патувања послужиле како стимул за истражување и создавање ново сфаќање за природата, резултат на што се теориите на Никола Коперник и Јоханес Кеплер.
Рана ренесансна поезија
[уреди | уреди извор]Првите години на XVI век не се многу значителни, со чест на неколку исклучоци. Преводот на „Енеидата“ на Гавин Даглас бил завршен во 1513, а Џон Скелтон напишал поеми кои претставуваат транзиција од средновековен во ренесансен стил. И новиот крал, Хенри Осми, пробал да пишува поезија. Најзначајниот поет од овој период е Томас Вајат, еден од првите автори што пишувале сонети на англиски јазик.
Елизабетанците
[уреди | уреди извор]Поезијата во елизабетанскиот период (1558-1603) се одликува со бројни новини: се вовеле и адаптирале теми и форми од други европски традиции и класичната литература, се создала елизабетанската песничка традиција, кралската поезија и драмата во стихови.
Елизабетанската песна
[уреди | уреди извор]Голем дел од елизабетанските поети пишувале песни, вклучувајќи ги и Николас Грималд, Томас Неш и Роберт Саутвел. Од овој период се зачувани и голем број анонимни песни. Може да се каже дека најголемиот композитор од овој период е Томас Кампион. Кампион е важен и зашто експериментирал со метарот броејќи слогови наместо акценти. Овие квантитативни метри биле засновани на класичните модели и треба да се сметаат како дел од преродбата на грчките и римските уметнички методи во ренесансата.
Овие песни биле печатени во збирки или антологии, на пример Songs and Sonnets на Ричард Тотел во 1557, или во песнарици придружени со ноти за изведба. Овие изведби биле значаен дел и од јавната и од приватната забава. До крајот на XVI век, новата генерација композитори, меѓу кои и Џон Дауленд, Вилијам Берд, Орландо Гибонс, Томас Вилкис и Томас Морли придонеле кон тоа елизабетанската песна да се извиши на повисоко музичко ниво.
Елизабетанските поеми често содржеле јамб, метричка стапка од два слога, едниот ненагласен, а другиот нагласен. Шекспир го користел јамбот во неговите драми. Јамбот е обратно од трохејот.
Јампскиот пентаметар станал најчестиот метар во англиската поезија. Содржи пет јамбови во еден стих. Во драмите на Шекспир доминира јампскиот пентаметар. Еден пример е стихот од „Ромео и Јулија“: "But soft!/ What light/through yon/der win/dow breaks?" (акцентираните слогови се со здебелени букви). [македонски: Но тивко, што светлина низ оној прозорец блеска?]
Кралска поезија
[уреди | уреди извор]Поради наклонетоста на Елизабета кон поезијата и уметностите, во кралскиот двор често се изведувала поезија, во која често се опишувала идеализирана верзија на тој кралски свет.
Меѓу најдобрите примери е The Faerie Queene („Самовилската кралица“) на Едмунд Спенсер, химна која ја слави кралицата, и Arcadia („Аркадија“) на Филип Сидни. Оваа тенденција е присутна и во The Shepheardes Calender („Календарот на овчарот“) на Едмунд Спенсер. Оваа поема ја воведува англиската верзија на пасторалната поезија – поезија чија публика е аристократска, а темата селанска. Сонетите на Вилијам Шекспир и поезијата на Волтер Рали се исто доказ за присуство на аристократска публика.
Елизабетанска драма во стих
[уреди | уреди извор]Драмата во стих се смета за едно од најважните достигнувања во англиската книжевност, а најпознатиот претставник, Вилијам Шекспир, се слави како највеличествениот поет на англиски јазик. Овој вид на драма, кој бил наменет и за кралскиот двор и за народот, ги обработувал сите важни теми во современата книжевност и живот.
Покрај многуте драми што имале теми од религијата и класиката, имало и историски драми, и ова може да се протолкува како напор да се зацврсти британскиот национализам и како уметничка потпора на отпорот на Елизабета против шпанските и другите странски закани.
Покрај Шекспир, други значајни имиња се: Кристофер Марлоу, Томас Мидлтон, Томас Декер и Бен Џонсон.
Класицизам
[уреди | уреди извор]Дагласовиот превод на Енеидата, метричките експерименти на Кампион, „Календарот на овчарот“ на Спенсер и драмите како Anthony and Cleopatra („Антонио и Клеопатра“) на Шекспир се примери за влијанието на класицизмот врз елизабетанската поезија. На поетите од овој период им било вообичаено да пишуваат на теми од класичната митологија. Пример за ова се Venus and Adonis („Венера и Адонис“) на Шекспир и Hero and Leander („Херо и Леандар“) на Марлоу и Џорџ Чепмен (кој ја довршил по смртта на Марлоу).
Исто почнале да се вршат и бројни преводи на класичната поезија. Артур Голдинг (1565-67) и Џорџ Сендис (1626) го преведуваат Овидиј, а Чепмен – Хомеровите „Илијада“ (1611) и „Одисеја“ (c. 1615). Овие се највидните примери.
Јакобинска и каролинска поезија
[уреди | уреди извор]Ренесансната поезија по Елизабета може да се групира во три поголеми групи: метафизичка, кавалјерска и поезија од следбениците на Спенсер.
Метафизичка поезија
[уреди | уреди извор]На почетокот на XVII век се појавуваат група поети кои пишуваат на духовит и комплициран начин. Најпознатиот метафизички поет е Џон Дан. Меѓу другите се вбројуваат Џорџ Херберт, Томас Траерн, Хенри Вон, Ендру Марвел и Ричард Крашо. Џон Милтон со неговиот Comus („Ком“) спаѓа во оваа група. Популарноста на метафизичките поети опаднала во XVIII век, но повторно пораснала во викторијанската епоха. Репутацијата на Џон Дан потполно се возобнови по афирмацијата на Т. С. Елиот во раниот XX век.
Кавалјерска поезија
[уреди | уреди извор]Кавалјерите пишувале на поелегантен и повештачки стил од метафизичарите. Водечките поети се Бен Џонсон, Ричард Лавлејс, Роберт Херик, Едмунд Валер, Томас Карев и Џон Денам. Кавалјерската поезија е предвесник на поезијата од августинската епоха.
Реставрацијата и XVIII век
[уреди | уреди извор]Веројатно е иронично што првата голема поема што се појавила во Англија по реставрацијата била Paradise Lost („Загубениот рај“) на Џон Милтон, приказна за падната гордост. Чарлс Втори од Франција научил што е софистикација и световност и тоа ја обележало неговата монархија како поразлична од претходните.
Сатира
[уреди | уреди извор]Не е многу изненадно што новопојавените мода и скептицизам го поттикнале развитокот на сатирата. Сите важни поети од овој период, Семјуел Батлер, Џон Драјден, Александар Поуп, Семјуел Џонсон и ирскиот поет Џонатан Свифт пишувале сатирична поезија. Но изненадува фактот што нивната сатира била пишувана во одбрана на јавниот мир, црквата и владата. Но писатели како Поуп го користеле својот талент за сатира и пишувале остри дела како одговор на нивните зломисленици и како критика за она што според нив било општествено зло. Во сатирата The Dunciad („Дивотија“), Поуп ги исмева своите книжевни непријатели и го искажува своето мислење дека британското општество пропаѓа на морален, културен и интелектуален план.
Класицизмот во XVIII век
[уреди | уреди извор]Класицизмот во XVIII исто така се нарекува и „августинско доба“. Современата заинтересираност за класичните дела продолжила и во овој период. Поетите целеле кон тоа да пишуваат на што повоздигнат стил, како имитација на римскиот идеал, а исто така и преведувале и имитирале грчки и латински поеми. Драјден го превел целиот книжевен опус на Вергилиј, а Поуп дал свој превод на двата епа на Хомер. Исто така, биле преведувани и имитирани Хорациј и Јувенал. Познат превод на Хорациј е оној на Џон Вилмот.
Поетеси во XVIII век
[уреди | уреди извор]Во периодот на реставрацијата се појавиле голем број жени поетеси, меѓу кои Афра Бен, Маргарет Кевендиш, Мери Чадли, Ен Финч, Ен Килигру и Кетрин Филипс. Сепак, нивните дела, за разлика од оние на поетите, поретко се објавувале, но зачуваните ракописи покажуваат дека бројката на поетеси била уште поголема од веќе познатата. Поетите се противеле на „женската „директност“ и затоа во почетокот на векот многу малку поетеси ги објавиле своите дела. Писателките станувале сѐ поприсутни во сите книжевни жанрови во текот на овој век. Веќе до 1790-те, женската поезија доживеала процут. Значајни подоцнежни поетеси се Ана Летиција Барбо, Џоана Бејли, Сузана Бламир, Фелиција Хеманс, Мери Липор, Мери Вортли Монтаг, Хана Мор и Мери Робинсон.
Доцниот XVIII век
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XVIII век, поезијата почнала да се оддалечува од строгите августински идеали. Фокусот почнал да паѓа повеќе врз чувствата на поетот. Овој тренд најјасно може да се согледа во тоа како поетите пишувале за природата во која живеат. Водечки фигури на овој нов тренд се Томас Греј, Џорџ Краб, Кристофер Смарт и Роберт Бернс, како и ирскиот поет Оливер Голдсмит. Овие поети го подготвувале патот за романтичарското движење.
Романтичарското движење
[уреди | уреди извор]Последните години од XVIII век биле време на општествен неред и политичка турбуленција поради револуциите во САД, Франција, Ирска и на други места. Во Велика Британија, движењето за општествени било позадината на романтичарскиот период.
Главните поети на ова движење се Вилијам Блејк, Вилијам Вордсворт, Семјуел Тејлор Колриџ, Џорџ Гордон Бајрон, Перси Биш Шели, Џон Китс. Како датум за раѓањето на романтизмот се зема годината 1798, кога Вордсворт и Колриџ ги објавиле Lyrical Ballads („Лирски балади“). Но Блејк објавувал поеми уште од 1780-те. Репутацијата на Блејк се воздигна во последниов век со објавувањето на книгата The Anatomy of Criticism („Анатомија на критиката“) во која Нортроп Фрај ги коментира неговите дела. Шели е најпознат по класичните дела како Ozymandias („Озимандија“) и долгите, визионерски поеми меѓу кои е Prometheus Unbound („Откованиот Прометеј“). Неговата пионерска поема The Masque of Anarchy („Маската на анархијата“) повикува за мирни протести. Ова е веројатно и првата модерна декларација за мирен протест.[4] Поемите на Шели влијаеле на пасивниот отпор на Махатма Ганди, кој често го цитирал пред народот.[4][5]
Романтичарската поезија се обидува да го поттикне творечкото изразување на поединецот, да пронајде нови начини на изразување. Романтичарите, со делумен исклучок на Бајрон, ги одбиле поетските идеали на XVIII век и се навратиле кон Милтон барајќи инспирација, но секој поет од него извлекол нешто свое. Задршката била на поединечната оригиналност.
За романтичарите, во поетското изразување е најважен моментот на создавање, кој не може да се повтори двапати. Поради овој нов акцент, дури и поемите што не биле завршени биле вклучувани во опусот на еден автор (на пример, Kubla Khan („Кублај Кан“) и Christabel („Кристабел“) на Колриџ).
Освен тоа, романтичарите имале и друг јазичен стил. Вордсворт пишувал на „јазикот на обичниот човек“, со што се обидувал да ја доближи поезијата до народот. Романтичарите се противеле на строгиот и вештачки јазичен стил на неокласичните поеми. Во Defence of Poetry („Одбрана на поезијата“) на Шели, тој вели дека поетите го создаваат јазикот и дека задача на поетот е да го обнови јазикот за неговото општество.
Но во овој период, за некои поети сѐ уште било присутно августинското влијание. На пример, Џон Клер пишува во тој стил, но го меша со теми од руралниот живот во Англија. Уште еден поет е Волтер Севиџ Лендор, кој претставува како премин од августинците до Роберт Браунинг.
Викторијанска поезија
[уреди | уреди извор]Викторијанската епоха била период на големи политички, општествени и економски промени. Британската Империја, иако ги изгубила американските колонии, влегла во период на брзорастечка експанзија. Оваа експанзија, заедно со индустријализацијата, довела до економски раст. Законот за реформа во 1832 бил само почетокот на еден процес кој ќе кулминира со правото на глас на обичниот човек.
Врховна викторијанска поезија
[уреди | уреди извор]Главните поети од викторијанската епоха се Алфред Тенисон, Роберт Браунинг, Елизабет Берет Браунинг, Метју Арнолд и Џерард Менли Хопкинс. Тенисон го сметале за новиот Спенсер: неговата Idylls of the King („Идилите на кралот“) е како викторијанска верзија на „Самовилската кралица“; односно поема која ја слави идејата за империја употребувајќи елементи од митологијата.
Браунингови го поминале поголемиот дел од својот живот надвор од Англија. Најважната иновација на Роберт Браунинг е воведувањето на драмскиот монолог, кој најславно го употребил во долгиот роман во стих The Ring and the Book („Книгата и прстенот“). Елизабет Берет Браунинг е најпозната по збирката Sonnets from the Portuguese („Сонети од португалски јазик“), но и нејзината долга поема Aurora Leigh („Аурора Леј“) се смета за класична феминистичка литература од XIX век.
Метју Арнолд бил под влијание на Вордсворт, но неговата поема Dover Beach („Доверовиот брег“) се смета за предвесник на модернизмот. Поезијата на Хопкинс била објавена посмртно. Неговиот необичен стил имал значително влијание на поетите од 1940-те.
Предрафаелитите, естетиката и „жолтите“ 1890-ти
[уреди | уреди извор]Братството на предрафаелитите било движење во средината на XIX век посветено на реформата на тогашниот маниризам. Иако предрафаелитите биле позаинтересирани за визуелната уметност, двајца членови, Данте Габриел Росети и неговата сестра Кристина Росети, биле и поети.
Кон крајот на векот, англиските поети се заинтересирале за францускиот симболизам. Се појавуваат две групи поети: поети од „Жолтата книга“ (книжевно списание), кои се држеле до принципите на естетизмот, меѓу кои биле и Алгернон Чарлс Свинберн, Оскар Вајлд, и Артур Симонс, и групата поети од т.н. „клубот на Рајмер“, меѓу кои биле и Ернест Досон, Лајонел Џонсон и Вилијам Батлер Јејтс.
Современа англиска поезија
[уреди | уреди извор]Првите три декади
[уреди | уреди извор]Викторијанската епоха продолжува во раните години на XX век. Двајца поети, В. Б. Јејтс и Томас Харди, биле водечките фигури од таа стара поезија кои послужиле како „мост“ кон новата. Јејтс, иако не бил модернист, научил многу од новите поетски движења околу него и го адаптирал својот стил. Харди бил традиционален поет, барем од технички аспект, и многу подоцнежни антимодернистички движења ќе го цитираат него, особено по 1950-те.
Георгијанците и поетите од Првата светска војна
[уреди | уреди извор]Георгијанците се првата поголема група по викторијанската епоха. Нивните поеми се појавиле во серија од пет антологии насловени „Георгијанска поезија“. Некои од овие поети биле Едмунд Бланден, Руперт Брук, Роберт Грејвс, Д. Х. Лоренс, Волтер де ла Мер и Сигфрид Сасун. Нивната поезија претставува реакција на декаденцијата во 1890-те.
Брук и Сасун подоцна се стекнуваат со репутација на поети од Првата светска војна. Други поети од оваа група се Исак Розенберг, Едвард Томас, Вилфред Овен и, од домашен фронт, Харди и Ридјард Киплинг, чија поема If— („Ако—“) е омилена меѓу Англичаните.[6][7] Таа е потсетување на викторијанскиот стоицизам, кој се смета за традиционална британска одлика.
Модернизам
[уреди | уреди извор]Како најглавни поети на модернизмот се сметаат Гертруда Стајн, Т. С. Елиот, Х. Д. и Езра Паунд, Американци по потекло, но секој од нив поминал дел од животот во Англија, Франција или Италија.
Врската на Паунд со „имажистите“ го обележува почетокот на нова, револуционерна форма на поезија. Англиски поети од оваа група се Д. Х. Лоренс, Ричард Олдингтон, Т. Е. Хулм, Ф. С. Флинт, Форд Мадокс Форд и Ален Апвард. Елиот, по објавувањето на The Waste Land („Пуста земја“), станува важна фигура во модернистичкото движење и ќе влијае на многу англиски поети.
1930-те
[уреди | уреди извор]Поетите кои се појавиле во 30-те години имале две заеднички нешта: сите биле родени во новиот век и израснале во период на општествени, економски и политички неред. Веројатно поради ова, општествените теми, општествената (не)правда и војната се доминантни теми во поезијата од овој период.
Четири поети се сметаат за клучни од овој период: В. Х. Одн, Стивен Спендер, Сесил Деј Луис, Луис Мекнис.
Во 1930-те се појавуваат и поети-надреалисти, меѓу кои Дејвид Гаскоњ, Филип О-Конор, Џорџ Баркер. Овие поети ги претпочитаат француските модели пред домашниот модернизам. Нивните поеми ќе се покажат како важни подоцна, кога нови поети ќе експериментираат со овој стил и ќе ја продолжат авангардната традиција.
1940-те
[уреди | уреди извор]Со Втората светска војна се појавува и нова генерација „воени“ поети, меѓу кои: Кит Даглас, Алун Луис, Хенри Рид и Ф. Т. Принс.
Но, најглавното движење во 40-те се „Новите романтичари“: Дилан Томас, Џорџ Баркер, В. С. Греам, итн. Овие писатели се противеле на класицизмот на поетите од 30-те. Тие се навратиле на Џерард Менли Хопкинс, Харт Крејн и игрите со зборови на Џејмс Џојс.
1950-те
[уреди | уреди извор]Три поголеми групи на поети биле доминантни во овој период: „Движењето“, „Групата“ и неколку поети што се водат под името поети на „Екстремната уметност“.
„Движењето“ првпат доаѓа до израз во антологијата на Роберт Конквест New Lines („Нови линии“) во 1955. Главни поети се Филип Ларкин, Елизабет Џенингс, Кингсли Ејмис, Том Ган и Доналд Дејви. Тие го одбиваат модернизмот и интернационализмот, а се навратиле на моделот на Томас Харди.
„Групата“ била група поети што се собирале еднаш неделно на дискусии, под водство на Филип Хобсбаум и Едвард Луси Смит. Во оваа група спаѓаат Мартин Бел, Питер Портер, Џорџ Мак-Бет и Дејвид Вевил.
Називот „Екстремна уметност“ првпат го употребил А. Алварез кога ја опишувал поезијата на американската поетеса Силвија Плат. Други имиња асоцирани со ова движење се Тед Хјуз, сопругот на Плат, Френсис Бери и Џон Силкин.
1960-те и 1970-те
[уреди | уреди извор]Во почетокот на 1960-те, со појавата на Шејмус Хини, Том Полин и Пол Малдун станував популарна ирската поезија.
„Преродбата на поезијата“ е име на повеќе групи и движења кои се појавуваат во овој период. Позначајни поети: Ерик Мотрам, Том Роворт, Дениз Рајли и Ли Харвуд.
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Bede, Historia ecclesiastica gentis Anglorum.
- ↑ See, for example, Beowulf: a Dual-Language Edition, Doubleday, New York, NY, 1977; Newton, S., 1993. The Origins of Beowulf and the Pre-Viking Kingdom of East Anglia. Cambridge.
- ↑ Brendan Cassidy (ed.), The Ruthwell Cross, Princeton University Press (1992).
- ↑ 4,0 4,1 „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-01-05. Посетено на 2010-09-14.
- ↑ Thomas Weber, "Gandhi as Disciple and Mentor," Cambridge University Press, 2004, pp. 28–29.
- ↑ Emma Jones (2004) The Literary Companion Robson, 2004.
- ↑ Mike Robinson (2004) Literature and tourism
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Hamilton, Ian. The Oxford Companion to Twentieth-Century Poetry in English
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски (англиски)
[уреди | уреди извор]- English Poets - Poems and biographies of English poets.
- Poetry Resource Архивирано на 18 април 2010 г. a website for students of poetry
- Poets perform their own work
- Contemporary British Poetry: Poeclectics[мртва врска]